Граѓанската акција “Заслужуваме подобро!” ги повикува граѓаните кои имаат свои блиски што се
иселиле од Македонија да се приклучат кон здружената иницијатива “Колку чевли останаа неизносени?”
преку донирање стари обувки кои иселените не ги однеле со себе напуштајќи ја Македонија. Собирот на
граѓаните и на донесените чевли ќе се одржи на 13 февруари (сабота), во 12:00 часот пред Владата на
Република Македонија, во форма на креативен граѓански перформанс.
Целта на оваа протестна акција е да се упати граѓанска, гласна и сликовита порака до властите во
Македонија и до сите кои планираат да се натпреваруваат на следните избори дека живејачката во
државата го допира дното на човековото достоинство што е главна причина речиси секое семејство да
има по еден свој близок иселен во странство. Според меѓународните организации, 600 илјади жители се
иселиле од Македонија, од кои 100 илјади се млади, а секој втор млад човек не ја гледа својата
иднина во државата.
Немаштијата, невработеноста, одземената слобода, стравот, притисокот, загадениот воздух,
контролираното образование и колапсот во здраството се дел од клучните причини за иселеничкиот
егзодус што им се случува на граѓаните на ова наше општество. И за сето тоа, одговорни се оние кои
граѓаните ги плаќаат да ја водат државата – властите.
“Разделбите станаа дел од нашето секојдневие. Нашите најдобри другари, браќа, сестри и внуци ги
испративме во потрага по нормален живот, некаде надвор од татковината. Ни се испразнија домовите и
трпезите, а нашата мисла лута меѓу потрагата по квалитетен живот во Македонија и одлуката дали да
се напушти државата. Ова предизвкува болка и револт во стомакот, што не тера да реагираме и да
бараме подобро.”
Чевлите кои се во употреблива состојба ќе бидат подарени во хуманитарни цели на организацијата
“Легис“, односно како помош на бегалците. Останатите обувки пак, ќе бидат искористени како дел од
уметничко дело на група автори посветено на иселувањето.
Граѓаните од внатрешноста кои не се во можност да присуствуваат на настанот можат да придонесат преку донација на чевли на пунктовите во повеќе градови низ државата кои се објавени на веб страницата www.gragjanite.mk.