Се намножија реакциите и сомнежите дека власта во Македонија сторила изборен грабеж и дека во обид да ја спаси сопствената кожинка се обидува да го запрпелка криминалот, два месеца пред терминот за вонредните парламентарни избори за кои никој не верува дека ќе се случат. Време е да се размислува не само за прочистување на Избирачкиот список, туку и за одлагање на изборите заради темелна изборна реформа, велат експертите.
Автор: Стојанка Митреска
Никој веќе не верува дека во Македонија ќе има избори на 5 јуни. Веста дека речиси половина милион фантомски гласачи му тежат на Избирачкиот список би требало да повлече промени во изборниот календар. Оваа огромна бројка на спорни избирачи, откриени со вкрстената проверка на Државната изборна комисија (ДИК), е последната капка што го прелева бунарот во кој претходно се удавија обидите да почнат преговори за реформи во медиумите, за да се отвори пат кон фер и слободни избори.
Светлосни години далеку од демократијата
Во Македонија во моментов не е исполнет ниту еден од условите за одржување на предвремените парламентарни избори на 5 јуни. Изборите стануваат бесмислени не само поради јазолот во кој е врзано прочистувањето на Избирачкиот список и не само поради фактот дека е буквално блокиран процесот на преговори за медиумите. Во контекст на тезата за одложување на изборите на подолг рок (некои аналитичари препорачуваат и до две години) се и последиците од последниот потег на власта, преку Уставниот суд да посегне по институтот аболиција на осомничените за злосторничко здружување за изборен криминал, во случајот „Титаник“. Сведоци сме дека Уставниот суд го одобри тој обид со одлуката да му дозволи на претседателот да помилува и да аболицира лица гонети или осудени за изборен криминал, педофилија и нарко дилери.
После овој капитулирачки потег на власта, покорно спроведен од пет уставни судии, евроамбасадорот Аиво Орав изјави дека од претседателот ќе зависи дали во Македонија „ќе зајакне или ќе ја ослаби демократијата “. Истовремено, се намножија реакциите и сомнежите дека власта во Македонија сторила изборен грабеж и дека во обид да ја спаси сопствената кожинка се обидува да го запрпелка криминалот, два месеца пред терминот за вонредните парламентарни избори за кои никој не верува дека ќе се случат:
- Многупати сме ја критикувале вашата земја за независноста на судството и за владеењето на правото. За конкретниов случај се дискутира веќе неколку недели, откако Специјалното јавно обвинителство поднесе неколку кривични пријави против поранешни министри во врска со изборни измами. Ако му се дадат повеќе права на претседателот или идните претседатели на оваа земја, тогаш останува на самиот претседател дали ќе го искористи овој инструмент, оваа алатка, за да ја зајакне демократијата или, пак, да ја ослабне демократијата - изјави Орав во Велес.
Ако се анализира поведението и политичкиот конформизам на шефот на државата кон владејачката партија во целиот негов мандат, јасно е во кој момент ќе заринка „Титаник“, повлекувајќи ги со себе и правната држава и зајакнувањето на демократијата, на која нѐ потсетува евроамбасадорот Орав
Наспроти дипломатската изјава на Орав, белгискиот посредник Питер Ванхауте, на својата омилена социјална мрежа Твитер, за одлуката на Уставниот суд напиша отворена „честитка“, со поразувачка прогноза во кој правец ни се движи државата и колку е подготвена да ги продолжи демократските процеси, а со тоа и да спроведе фер и слободни избори: „Честитам, сега од ЕУ сте оддалечени 10 светлосни години“.
Белгискиот посредник и претходно, во интервју за порталот Слободна Македонија дијагностицираше дека државата не е подготвена за избори:
- Нормално е, во една конфликтна ситуација, прво да ги решите проблемите, реалните проблеми, а потоа да се договарате за тоа кога да се организираат избори. Овде се прави сосем обратното. Од сите препораки во Ургентните реформски приоритети и извештајот на Прибе, досега не е постигнато ништо. Има нула постигнувања! И да се оди така на избори е шега. Не треба да го правите тоа - изјави Ванхауте.
Кредибилни избори не се можни без балансирано медиумско известување, пречистен Избирачки список и одвојување на државата од партијата. На ова нѐ потсетува и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер:
- Никој не знае дали навистина ќе има избори на 5 јуни. Изборите не означуваат крај на еден процес, туку се само еден од многуте чекори кои земјата треба да ги преземе за да ја поврати својата евроатланска перспектива. Договорот од Пржино е сѐ уште жив, тој е активен, некои делови од него се веќе спроведени, но за некои сѐ уште се преговара. Каква и да било влада која ќе се создаде по изборите, мора да биде повикана на одговорност во однос на евроатланската политика врз основа на обврските предвидени во договорот - вели Алтхаузер.
Во услови на статус кво, сосема е реално да се очекува повторно одложување на изборите – но овој пат на многу подолг рок. Тоа го препорачуваат и експерти и аналитичари во изјави за порталот Граѓаните
- Јас лично мислам дека ни на 5 јуни, ниту за една, ниту за две години, Македонија нема да може да спроведе фер и демократски избори. Мислам дека е неопходно поставување на технократска влада, која во период од неколку години ќе ги постави темелите на демократијата и владеењето на правото и ќе обезбеди услови за политичка борба на партиите и вистински избор од страна на граѓаните – вели професорката Мирјана Најчевска.
Ќе се прочисти ли Избирачкиот список до 17 април?
Македонските граѓани мошне ревносно нурнаа во Избирачкиот список и за многу кусо време откако списокот беше ставен на јавен увид открија секакви аномалии - непознати лица фигурираат на една иста адреса, се препознаваат дури и мртви лица, а некои граѓани јавно соопштуваа дека на нивните адреси се водат лица кои не ги познаваат. Процесот на вкрстена проверка на податоците од МВР и десетте државни институции исфрли куп проблеми. Се постави прашањето што ќе се прави со лицата кои се евидентирани во системот на МВР (лица на кои им е издадено лична карта), а не се водат во евиденцијата на останатите државни институции, како што се Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско осигурување, Агенцијата за вработување. Се очекува да се отворат уште многу прашања и проблеми, посебно по објавата дека 495.258 се спорни, ДИК се уште нема изградено став и методологија како ќе ги решава.
- Не е можно до 5 јуни да се изготви потполно прочистен Избирачки список. Времето од два и пол месеци кои што ѝ останува на располагање на ДИК е прилично кратко. Но, со добро организирана и добро менаџирана работа на прочистувањето на Избирачкиот список и активна соработка на сите државни органи и институции, може многу да се направи за да се добие добар список, кој ќе ги задоволи одреден број стандарди за спроведување фер и демократски избори – вели за Граѓаните.мк Темелко Ристески, универзитетски професор.
Не можат, вели професорот, во потполност да се елиминираат повредите на избирачкото право санкционирани со член 159 од Кривичниот законик. Исто така, не можат во потполност да се елиминираат злоупотребите на избирачкото право (член 161 од КЗ) - гласање наместо друг, гласање повеќе од еднаш, гласање од страна на лица кои немаат избирачко право.
-Не верувам дека во потполност ќе се елиминираат изборните измами (член 165 од КЗ) – изменување на бројот на дадените гласови со додавање или одземање на едно или повеќе гласачки ливчиња, или изменување на бројот на гласовите при пребројувањето или при објавувањето на резултатите од изборите, или пак гласањето со додавање или одземање на еден или повеќе гласови. Но, со добро прочистен Избирачки список и ефикасен контролен мониторинг на гласањето, мислам дека овие патолошки појави во изборниот процес можат значително да се намалат, па и да се сведат на минимум - оценува професорот Ристески.
Дончо Герасимовски, експерт по статистика, во изјава за Граѓаните.мк вели дека не смееме да го заборавиме фактот дека последната статистичка операција за бројот на жителите во Македонија е спроведена во 2002 година и дека тоа многу ја отежнува проверката на Избирачкиот список. Познато е и тоа дека Македонија и Сомалија се единствените земји кои не направиле попис во последниве десет години. Според него, добро е што се овозможи проверка во Избирачкиот список преку апликација со која можат да се утврди колку жители живеат на една адреса. Но, исто така е многу битно кој ќе ја врши и како ќе се врши теренската проверка, вели тој и додава:
- Проверката на Избирачкиот список е сложена работа, ако сакаме да добиеме список во кој граѓаните ќе имаат доверба. Тешко дека ќе се направи тоа за еден месец. Партизацијата ја отежнува уште повеќе постапката, државата нема евиденција колку граѓани ја напуштиле земјата. Секој во теренската проверка може да каже дека одредено лице е во странство и дека ќе дојде во земјава на гласање, а реално тоа да не се случи. Како ќе ги изброите сите што заминале во странство? Многу е важно да се направи длабинска и транспарентна проверка – препорачува Герасимовски, поранешен директор на Заводот за статистика.
Тој вели дека треба да се анализира и процентот на излезеност. И од тоа може да се извадат заклучоци ако нешто не е во ред со Избирачкиот список - не мора секогаш неизлезеноста да се поврзува само со апстиненција на гласачите.
- Знае ли некој колку од граѓаните имаат привремен престој надвор од државата? Ја знае ли некој точната бројка на иселени од земјава Видовме дека во списокот има и починати лица. Има лица кои со текот на годините ја смениле адресата на живеење, а во МВР не пријавиле адреса на новото живеалиште. Има луѓе кои со години живеат на една адреса, а според личната карта имаат друга. Кој ќе ги проверува тие податоци? – прашува Герасимовски и како проблем ја споменува и идентификацијата на гласачите со пасош, освен со лична карта.
ДИК кон крајот на минатиот месец почна вкрстена проверка на податоците во Избирачкиот список, која требаше да заврши за десетина дена. После две недели излезе податокот за речиси половина милион спорни избирачи. Ќе добијат ли граѓаните исфилтриран Избирачки список до 17 април е прашање кое тешко добива потврден одговор. Професорката Најчевска вели:
- Јас не сум уверена дека и со најдобра желба во моментов може да се добие прочистен Избирачки список. За да може ова да биде направено, недостасуваат неколку неопходни елементи. Недостатокот од податоци добиени во рамките на редовен попис на населението, сериозно ја отежнува работата на прочистувањето на Избирачкиот список. Деветгодишното уништување на институциите и на администрацијата влијаат на квалитетот на постоечките податоци, на ажурираноста на посебните списоци во одделните институции и на способноста на вработените во тие институции ефективно да одговорат на поставените обврски. Партизираноста на администрацијата и зависноста на администрацијата од политичките партии, ја загрозува објективноста во постапувањето на истата и остава сомнеж за понудените податоци кои понатаму се вкрстуваат и кои служат за прочистување на списокот.
Џабир Дерала од невладината организација Цивил – Центар за слобода смета дека Избирачкиот список има големи недостатоци поради неажурноста на институциите, но и на граѓанките и граѓаните. Сепак, вели Дерала, очигледно е дека основниот проблем на Избирачкиот список е неговата криминална злоупотреба, вметнувањето на гласачи со повеќекратни идентитети, со луѓе кои противзаконски се стекнале со документи врз чија основа се запишани во него.
- Одговорот на ова прашање не е едноставен. Вака како што стојат работите, Избирачкиот список нема многу шанси да се подобри до потребното, барем пристојно ниво. Чистењето на Избирачкиот список е тесно поврзано со целиот процес на надминување на политичката криза, односно за создавање на услови за слободни избори. Да нема недоразбирање, ако ДИК, како институција, добие услови тоа да го изведе на професионален начин, со употреба на знаењето на релевантни експерти и со почитување на стандардите и знаењето, сѐ е можно. Но, ако институциите кои се должни да им дадат поддршка и да им обезбедат релевантни податоци, доцнат или го опструираат овој процес, тогаш Избирачкиот список не може да се прочисти. И порано имаше обиди да се стори тоа, но тие обиди беа осуетени од политичките структури. Сега не е важно ни од која партија биле тие структури, ниту дали тоа било намерно. Сега е важно да се остави овој процес надвор од политичките партии и да се овозможи целосна и навремена поддршка од сите релевантни фактори. Не смее да се доцни ни една минута со ниеден чекор предвиден со оваа постапка - вели за Граѓаните.мк Дерала.
Македонија една изборна единица и отворени листи
Како што сега стојат работите, особено по последните најави дека СДСМ ќе ја напушти ДИК ако бидеме сведоци на обид за релативизација на катастрофалните податоци за Избирачкиот список, изборите закажани за 5 јуни (барем тие со учество на опозицијата и на сите релевантни политички субјекти) ќе мора да бидат одложени. Периодот што претстои, предупредуваат експертите, треба да се искористи не само за средување на Избирачкиот список и за ослободување на медиумите, туку и за темелна реформа на изборниот систем.
Реформа според принципот една изборна единица за целата држава, со отворени листи – вака гласи препораката на најголемиот дел од експертите за изборни процеси, со напомена дека тоа ќе го намали прекршувањето на изборните правила и ќе придонесе да се испочитува волјата на електоратот. Македонија за изборот на пратеници во Собранието применува пропорционален изборен систем. Познавачите на изборната проблематика велат дека овој систем има предности, но и еден голем недостаток – избирачите можат да гласаат само за кандидатските листи, но немаат можност за избор помеѓу индивидуалните кандидати.
- Треба да се направи комплетна реформа на изборниот систем, да се оди на решение една изборна единица за целата Република. Со тоа мислам дека ќе се намали бројот на повредите на правилата на гласањето, ќе се овозможи поголем степен на почитување на волјата на гласачите при изборите - тие да го дадат својот глас за оние кандидати кои навистина квалитетно и ефикасно ќе ги сервисираат во Собранието Тоа го бара уставното начело на суверенитет на граѓаните од членот 2, став 1 од Уставот на Републиката - смета професорот Ристески.
Граѓанската асоцијација „Мост“ летоска промовираше „Препораки за реформа на изборниот процес“, подготвени врз база на нивното 13-годишното искуство. Препораките се однесуваа на реформирање на изборниот систем, гласањето во странство, Државната изборна комисијa, избирачкиот список, донациите што медиумите ги даваат на одредени политички партии и на други прашања. МОСТ предложи изборен модел со отворени листи, каде освен за политичкиот субјект ќе може да се гласа и за кандидатите од листата. Цивил со години наназад препорачува промени во изборниот модел и воведување една изборна единица:
- Со ова шанса ќе добијат помалите партии, граѓански иницијативи, како и помалите етнички заедници. Уште поважно, избраните пратеници ќе бидат поодговорни кон своите гласачи, отколку кон своите партиски шефови, што ќе биде овозможено токму со воведување на отворените листи. Воедно, ние препорачуваме и намалување на бројот на пратеници за најмалку една третина, а идеално би било да се преполови – вели Дерала.
Професорката Најчевска, пак, вели дека во моментов е сеедно каков вид листи ќе има во Македонија:
- Јас го застапувам моделот на отворени листи, меѓутоа во актуелниот момент секој модел е деформиран до ниво на непрепознатливост -вели таа.
Системот со отворени листи му овозможува на гласачот, покрај можноста да гласа за кандидатската листа, да избере и еден или повеќе кандидати од предложената кандидатска листа. Овој систем се смета за подобар од системот на затворени листи, затоа што на гласачите им овозможува повеќе опции за избор. Како предност се смета и тоа што кандидатите кои се избрани на овој начин имаат повеќе мотивација да бидат активни во исполнувањето на ветувањата на електоратот. Кај избирачите, пак, се зголемува чувството дека нивниот глас не е изгубен и дека имаат влијание врз изборот на кандидатите, зашто постои можност да се измени веќе предложениот редоследот на кандидатската листа. Експертите на изборна проблематика сугерираат дека сето ова ќе придонесе гласачите да го перцепираат изборниот систем како пофер и полегитимен, а тоа би резултирало со поголем одѕив на изборите. Индивидуалното избирање на кандидатите го зголемува и чувството на одговорност кај политичарите, а придонесува и за поголем степен на поврзаност со електоратот, што е уште една позитивна карактеристика која изостанува во Македонија.
Системот на отворени листи исто така може да придонесе во политиката да се вклучат луѓе, стручни во својата област, кои при сегашниот модел немаат мотивација политички да се активираат, зашто би биле ставени на подолните места на листите, зад партиските апаратчици. Системот на отворени листи, во повеќе модалитети, се применува во 83 отсто од земјите на Европската унија (15 од 18), во 65 отсто (22 од 34) од сите европските држави и во 44 отсто (33 од 75) од сите земји во светот. Се разбира, станува збор за земји во кои се применува пропорционален изборен модел.
Во секој случај, додека власта се подготвува за блиц криг избори, почна да се размислува и за најважното – за изборни реформи. Што ќе излезе од сето тоа допрва ќе се види.